Светски ден на грчкиот јазик 2021

Втора година по ред, Здружението за пријателство и соработка со Грција и Сертифициран испитен центар за грчки јазик „Пелагонија“ од Битола, организираше настан по повод Светскиот ден на грчкиот јазик, 9 Февруари.

Годинава настанот, инаку насловен „Младите разговараат на теми од изучувањето на грчкиот јазик“  беше коорганизиран со Институтот за грчки јазик при Истражувачкиот центар „Теменус“ од Универзитетот на Западна Македониа, со седиште во Козани. Особено е важно што овој претставува прв заеднички настан по потпишувањето на Меморандум за соработка помеѓу нашето Здружение и Институтот за грчки јазик, во Ноември 2020.

Почетокот на оваа далечинска дискусија помеѓу млади од двете земји, која се водеше на грчки јазик, беше поздравен од Претседателот на Здружението „Пелагонија“ г. Евгениј Ристевски, Конзулот на Генералниот конзулат на Грција во Битола, г. Ахилеас Ракинас, Потпретседателот на Универзитетскиот истражувачки центар, проф. Димитриос Стимониарис и Директорката на Институтот за Грчки јазик, проф. Елени Грива.

Кратки излагања од научен аспект имаа членови на академската заедница на Универзитетот на Западна Македониа, и тоа:

  • Јоана Кајафа и Елени Коросиду, на тема: „Грчкиот јазик како светско наследство“,
  • Спирос Бурас, на тема: „Грчкиот јазик во современи двојазични/интеркултурни средини: претставување на една програма за далечинска обука на наставници од одделенска настава“,
  • Евморфиа Кипуропулу, на тема: „Интеркултурна образовна средина и изучување на грчкиот јазик како втор: двојазични новопристигнати ученици го опишуваат својот град“.

Централниот дел, дискусијата помеѓу додипломски и постдипломски студенти, од една страна и млади од Република Северна Македонија кои го изучуваат грчкиот јазик, од друга страна, го водеа Хриса Марку и Кристијан Велјанов, а коментарите беа на проф. Ставрос Камарудис.

Во овој дел, беа претставени виртуелни изложби на цртежи и фотографии на тема „Зошто учам грчки?“ од деца кои го изучуваат грчкиот како странски или втор јазик, од двете земји.

За крај на официјалната програма, настанот беше почестен од професорката Nanouchka Podkovyroff, Одговорна на Центарот за грчки јазик при Националниот Универзитет на Одеса.

Настанот беше проследен во живо од страна на 86 интернационални гости, и тоа, освен од Република Грција и Република Северна Македонија, и од Египет, САД и Украина.

mk_MK