Listen to my poetry

Американско катче Битола, Француска Алијанса Битола и Здружението „Пелагонија“ втора година по ред, организираат серија од настани посветени на поезијата, овој пат насловен „Слушнете ја мојата поезија“.

Годинава беше одлучено да се мотивираат младите од Битола да творат на еден од трите странски јазици или на македонски- онака како што им е полесно да се изразат.

Оваа посвета на поезијата од страна на трите организации, беше сотавена од два дела. Првиот дел претставуваше работилница за пишување поезија, која се одвиваше на 30 Септември и на која ученици од основните и средните училишта во нашиот град беа поттикнати да ги искажат своите ставови во врска со пишувањето и читањето поезија, да ги споделат своите творечки искуства и да чујат предлози за организирање на самиот творечки процес од филолошки и уметнички аспект.

На работилницата беше ставен акцент на развојот на поетското изразување низ историјата на човештвото, но и во рамките на различни говорни подрачја.

Дел од присутните ученици избраа песни од светската поезија кои ги интерпретираа на свој начин и лична уметничка интервенција.

Вториот дел се одржа на 7 Октомври и на овој настан беа презентирани песните напишани од ученици. Особено радосен беше фактот што на овој ден беа презентирани песни напишани од страна на поголем број ученици од оние кои учествуваа на иницијалната работилница.

 

Песните, претходно собрани, оптички-уметнички обработени и испечатени од страна на Америчко Катче Битола, беа поставени насекаде низ просторот во Малата сала на Центарот за Култура Битола и беа видливи за сите посетители. Меѓу песните имаше напишани, освен на македонски, и на англиски, француски и грчки јазик.

 

 

 

Напишаните песни беа претставени од страна на нивните автори, учениците, кои со голема умешност ги презентираа пред публиката. Учениците понесоа со себе и подароци кои беа подготвени за нив од страна на организаторите.

Трите организации јавно ја искажаа благодарноста кон Центарот за култура Битола за поддршката и бесплатното отстапување на просторот.

 

mk_MK