На 29 Април во коорганизација на Институтот за Класични Студии на Филозофскиот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Одделот за Грчки јазик за Република Северна Македонија при Здружението „Пелагонија“ и Иницијативата „Соработка за заедничка иднина“ на НВО „Младински сојуз Крушево“ беше организирана дискусија со цел промоција на предметот „Новогрчки јазик“.
Професорот д-р Валериј Софрониевски, раководител на Постдипломските студии, кој го имаше воведното излагање, говореше за иницијативата на институтот за воведување на овој предмет, но и плановите за развој и збогатување на содржините со цел запознавање на студентите и пошироката популација со грчките нобеловци и современи автори преку нивните оригинални текстови. Професорот Софрониевски, редовен професор по старогрчки јазик, новозаветен и византиски грчки јазик, новогрчки јазик, применета класика, рецепција на класичната култура при Институтот за класични студии на Филозофскиот факултет во Скопје, меѓу другото се осврна и на континуитетот на развојот на грчкиот јазик од неговите почетоци до денес.
Професорката д-р Даниела Тошева Николовска, вонреден професор на Филозофскиот факултет во наставно-научните области Класична филологија, Историја на старогрчката книжевност, Историја на римската книжевност, ја истакна потребата од пристапот до овој предмет, како и зголемувањето на можностите за студентите со пристапот до овој предмет, кој, како што нагласи, ќе придонесе за проширување на хоризонтите на студентите од овој факултет и зајакнување на разбирањето на развојот на старогчкиот јазик, што претставува еден од столбовите за студентите од овој институт. Професорката Тошева, го истакна своето убедување дека запознавањето со новогрчкиот јазик, ќе донесе дополнителна свежина и зголемен интерес при изучувањето на класичните јазици и нивната корисност.
Нина Јовановска, проектен асистент на Младински Сојуз Крушево, ја презентираше детално иницијативата „Соработка за заедничка иднина“, која во голема мера го истакнува изучувањето на јазикот на соседот како една од основните алатки при запознавањето на „другиот“, а ги прикажа сите активности кои придонеле за рушење на бариерите и предрасудите, а биле организирани во период од повеќе од 10 години.
Главна цел на оваа иницијатива на нејзината матична организација, истакна Анелија Митрова, оперативен координатор на Младински Сојуз Крушево, е запознавањето помеѓу младите луѓе од двете земји и нивно поттикнување на реализација на заеднички Erasmus проекти, студентски размени, како и потпомагање при изборот на студии или следење на настава во соседните држави, взаемно, со цел зближување на двете култури. Од овој аспект, веќе постојат и видливи резултати, на задоволство на сите чинители.
Дополнително, Бојана Коцева, член на тимот на Младински Сојуз и студент на Филозофскиот Факултет, сподели свои искуства како активист и сутдент, од големите придобивки кои ги имаат студентите како активни учесници во процесите на мобилност, особено во однос на соседните земји.
Професорот м-р Кристијан Велјанов, одговорен на Одделот за грчки јазик и Испитниот центар за сертифицирање на познавањето на грчкиот јазик при Здружението „Пелагонија“, кој е воедно и реализатор на наставата по презентираниот предмет, како стручњак од практика при Институтот за класични студии овој семестар, презентираше факти за континуитетот кој го има изучувањето на грчкиот јазик на овие простои, со особен акцент на потребите заради кој тој се изучувал во различни периоди. Разбирањето на развојот на наставата по новогрчки како странски јазик, наведе меѓу другото, претставува еден комплексен и доблесен предизвик, а воедно е и една од главните алатки кои ги имаат на располагање идните филолози.
Дискусијата беше збогатена со коментари од страна на присутните студенти, кои споделија свое мислење во однос на оваа иницијатива на Институтот, но и искуства од процесот на изучување на самиот јазик.