Јубилеј 25 години Здружение „Пелагонија“ Битола

На 17 Ноември 2023, Здружението „Пелагонија“ Битола одбележа 25 години постоење и придонес кон продлабочувањето на соработката помеѓу македонскиот и грчкиот народ на културно и академско поле.

По тој повод, беше организирана гала вечера на која присуствуваа видни гости од двете страни на границата. Присутните најпрво ги поздрави претседателот на Здружението г. Евгеније Ристевски, кој потсети дека нашето членство во сите овие години, раководено од најискрени намери за зближување на жителите на двете земји, од првиот ден на своето постоење е посветено на најмладата популација. Граѓанските соработки, истакна Претседателот, се суштината на разбирањето и заедничкиот напредок.

Низ сите овие години, реализирани се низа соработки на сите нивоа, а особено ги истакна збратимувањата и меморандумите за соработка со Универзитетот на Западна Македонија со седиште во Козани, Здруженијата на Битолчани од Солун и Лерин, како и останати невладини организации и институции кои во својот фокус ги ставаат грчкиот јазик и вредностите кои што тој историски ги претставува. За крај, особено ја потенцираше важноста на фактот што Здружението бележи голем раст на членови од помладите генерации кои се искрено посветени на младинските соработки и активно учествуваат во сите активности.

Претседателот на Здружението, му врачи плакета на Градоначалникот на Општина Битола, г. Тони Коњановски преку која членовите на Здружението му се заблагодаруваат за особениот придонес во продлабочувањето на зближувањето помеѓу народот на Република Северна Македонија и Република Грција во областа на културата. Градоначалникот истакна дека Битола е секогаш една топла прегратка за граѓаните на соседна Грција, а ги нагласи и бројните успешни соработки на Општината и општинските чинители со Општини и организации од прекуграничниот регион.

Амбасадорката на Република Грција во Скопје, г. Софиа Филипиду , при приемот на своето признание за поддршка на соработките на Здружението, истакна дека е среќна ова Здружение постои и е пример за институционалното изучување на грчкиот јазик.

Плакета беше доделена и на Генералниот Конзул на Република Грција во Битола, г. Александрос Видурис, кој изјави дека е особено среќен што токму во неговиот мандат Здружението „Пелагонија“ го слави овој јубилеј, кое, како што рече тој, претставува мост помеѓу двата народи на културно и академско ниво. Тој нагласи дека Генералниот конзулат секогаш ги поддржува соработките помеѓу граѓаните со сите свои ресурси.

По повод дваесетипетгодишниот јубилеј, плакети беа врачени и на Претседателката на Здружението на Битолчани „Картериа“ (Солун) г-ѓа Калипсо Трифонаки и Претседателот на Здружението на Битолчани „Елпис“ (Лерин) г. Сотирис Восду, кои беа возбудени што се присутни на оваа јубилејна прослава, во родниот град на нивните предци, каде што секогаш се чувствуваат срдечно добредојдени.

Г-ѓата Трифонаки се присети на почетоците на заедничката соработка и на нејзината претходничка Виолета Папатанасиу, која секогаш нудеше поддршка кон активностите на „Пелагонија“, но и закрила на сите студенти од Битола во соседна Грција.

Со особена гордост беа нагласени и локалните соработки кои Здружението успешно ги реализира во изминатите години, како со сродни институции, така и со останати невладини организации.

Благодарници за успешната соработка беа доделени кон Ивана Ангелковска, координатор на American Corner Bitola  и Carolin Potelle Zlatevska директорка на Alliance Française de Bitola, со кои низа години се остварува искрена и успешна соработка во полето на промовирање на поезијата, како начин на уметничко изразување, но и изучување на странските јазици, а со кои се организираат и други настани за културна социјализација помеѓу учениците од Битола.

На НО Sfera International од Битола ѝ беше доделена специјална благодарница за долгогодишната соработка преку која десетици ученици од секторот за изучување на грчкиот јазик секоја година учествуваат на меѓународни проекти во различни држави на Европската Унија и на тој начин се запознаваат со позитивните вредности и придобивките од граѓанското здружување и зближување.

Господиниот Стефанос Тахматзидис, бизнисмен од Грција, прими посебно признание за неговата поддршка во постковид периодот, кога нашето Здружение, како и повеќето организации, се соочуваше со предизвиците од големата пандемија.

На вечерта на прославата, младиот уметник од соседен Лерин, Алкивиадис Восду, по потекло од Битола, по повод јубилејниот роденден на Здружението, подари негово оригинално дело-портрет на големата грчка актерка Мелина Меркури, која ја симболизира борбата за слободата на изразување и безграничните вредности на олимписките идеали.

Благодарница беше доделена на првиот претседател на Здружението „Пелагонија“ Ѓорги Пили, а истото должи огромна благодарност и до членовите од постара генерација кои ги поставија неговите темели и со својата безрезервна поддршка помогнаа тоа да опстои до денес, и тоа г-ѓа Ева Кондоклоцис во чиј деловен простор долги години беше бесплатно сместено здружението, Семејството Робе кое долги години придонесуваше преку својот семеен бизнис, извршувајќи печатарски работи, г-ѓата Ева Дарда како дел од групата основачки членови, семејството Чаламани во чиј деловен простор е сместено денес Здружението и придонесува за добросостојбата на истото. Не треба да бидат заборавени и покојните Александар Страла како долгогодишен учител и секретар на Здружението, д-р Михајло Коџасински, како и сите останати сегашни и минати членови.

Во напредокот на „Пелагонија“ и неговата транзиција во современ јазичен центар особено е потребно да се истакне и придонесот на Марија Робе, долгогодишен предавач во образовниот сектор на Здружението, како и на одговорниот на испитниот центар за сертифицирање на познавањето на грчкиот јазик во Република Северна Македонија м-р Кристијан Велјанов.

Особен придонес кон успешната реализација на овој настан дадоа членовите на помладата генерација, и тоа Димитар Гогу, Марија Василевска, Рула Чаламани, Елени Чаламани, Давид Козаров и Леона Златевска.

Се надеваме дека со истиот елан и поддршка од општеството на град Битола и нашите соработници на локално и меѓународно ниво, успешно ќе напредуваме и во иднина.

 

mk_MK