Децата – амбасадори на својата заедница

Здружението „Пелагонија“ на 25 и 26 април ја имаше честа да ги пречека и придружува учениците и наставниците од ОУ на Гони, предводено од директорката Апостолина Саити, при нивната посета на Битола и да ја координира посетата на две основни училишта од градот.

 

Посетата се реализираше под покровителство на Генералниот конзулат на Грција во Битола, како централна активност на учеството на основното училиште од с. Гони во Меѓународната тематска мрежа на тема „Деца амбасадори на својата земја“, која беше основана и координирана од Дирекцијата за основно образование на Лариса, при имплементацијата на проектот насловен „Амбасадори на Гони-Амбасадори на Грција“ и Културната програма за училишни активности насловена „Туристички водич на општина Темпи“.

Меѓународната тематска мрежа со тема „Децата амбасадори на својата земја“ има за цел да ја развие соработката помеѓу училиштата, со служби и институции од земјата и странство, со цел спроведување искуствени, креативни и атрактивни активности за децата, преку кои учениците ќе се истакнат како амбасадори на својата земја со повеќекратни образовни придобивки.

Шестоодделенците од Гони, придружувани и од својот класен раководител Георгиос Александрис и професорката по музичка култура Теодора Колцида, на најдобар можен начин го претставија своето локално културно наследство, прикажувајќи примери од грчката култура и употребата на грчкиот јазик, подарувајќи сувенири при нивната прва средба со нивните врсници од Битола.

Почетниот настан се одржа во свечената сала на Генералниот конзулат, каде учениците од Одделот за грчки јазик на Здружението Пелагонија со песна ги пречекаа новите пријатели од Грција и децата од Гони пееја и играа заедно. Целата активност на почетокот ја поздрави Генералниот конзул на Грција, Александрос Видурис, кој ја истакна важноста од зајакнување на врските на пријателство и соработка меѓу децата и младите од Грција и Северна Македонија.

Централната оска на оваа акција беше зајакнувањето на меѓукултурното разбирање и контактот со културата и традициите на другите земји, промовирајќи го разбирањето и меѓусебното почитување. За тоа придонесоа и посетите на две основни училишта од градот Битола, „Гоце Делчев“ и „Климент Охридски“, каде што домаќините, учениците и наставниците, срдечно ги пречекаа, со богата програма, заеднички активности и подароци, кои ги подготвија специјално за оваа прилика.

Би сакале да им се заблагодариме на директорите на двете училишта, г-ѓа Наташа Ставревска од ОУ „Гоце Делчев“ и г-ѓа Гордана Атанасова од ОУ „Климент Охридски“ за топлото добредојде и поддршката на оваа меѓународна соработка.

При оваа посета, учениците од Гони, го посетија и археолошкиот локалитет „Хераклеа“, ликовното студио на Детската Ликовна Колоија „Мал битолски Монмартр“, а особено беа фасцинирани од прошетките низ Широк Сокак и околните улички.

Пред крајот на овие два незаборавни дена, во просториите на Здружението беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Одделот за грчки јазик на Здружението Пелагонија и ОУ Гони, кој предвидува продолжување и продлабочување на соработката помеѓу двата ентитета.

mk_MK