Здружението „Пелагонија“ организираше својот, трет по ред, годишен настан за одбележување на Светскиот ден на грчкиот јазик, 9 Февруари, во Република Северна Македонија.
Овогодинешниот настан беше инспириран од нашите активности во текот на изминатата година, со посебна посвета на уметничката употреба на јазикот. Темата за 2022 беше насловена „Современа лирика: лекции од грчкиот јазик“.
Годинава централни говорници на овој традиционален, веќе, настан беа актерот, композитор и текстописец Панос Влахос и професорот по џез гитара при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип Сашо Поповски, кои зборуваа за значењето и моќта на зборовите во музиката, песните, театарот и уметничкото изразување.
Сестраниот уметник Панос Влахос особено се осврна на природната музикалност која ја поседува грчкиот јазик и како самите зборови често интервенираат при компонирањето на музика за една песна, додека професорот Поповски ги истакна пораките кои ги испраќаат текстовите во џез музиката и местото кое го има македонската џез музика на светската џез сцена. Од присутните беше поздравена иницијативата на Jazz Factory Festival од Битола да презентира секоја година грчки џез музичари кои придонесуваат во запознавањето помеѓу културите и културните работници од двете земји.
За жал. и оваа година настанот беше организиран далечински, со оглед на актуелната состојба со ковид пандемијата. Почетокот на оваа далечинска средба, која се водеше на англиски јазик, беше поздравен од Претседателот на Здружението „Пелагонија“ г. Евгениј Ристевски, Генералниот конзул на Грција во Битола, г. Александрос Видурис, кој ја прочита пораката на Заменик министиреот за Надворешни работи на Република Грција Андреас Катсаниотис и беше проектирана пораката на Генералниот секретар за јавна дипломатија на Република Грција, Јоанис Хрисулакис. Исто така, се обрати со поздраб и шефот на канцеларијата за Јавна Дипломатија при амбасадата на Република Грција во Република Северна Македонија г. Константинос Хрисулакис и Директорката на Институтот за Грчки јазик проф. Елени Грива.
Свое кратко обраќање поврзано со текстовите на традиционалната грчка музика од Хомер до денес, имаше академскиот професор по лингвистика Ставрос Камарудис.
Во продолжение можете да го проследите настанот во целост.