На 3 Април 2021, на иницијатива и во организација на нашето Здружение беше одржана првата официјална презентација на Универзитети од Република Грција пред јавноста на Република Северна Македонија.
На покана на Здружението „Пелагонија“ беа претставени 5 Универзитети од различни делови на Република Грција кои ги презентираа студиските програми од сите циклуси пред сите заинтересирани кои овој настан го следеа во живо на официјалната Facebook страна и YouTube каналот @PelagoniaAssociation, а имаа можност да постават особено интересни прашања и да добијат одговори на истите.
Универзитетите беа претставени на ниво на ректори, проректори и професори, кои во три одделни целини, соодветни на студиските циклуси, ги претставија детално начините за запишување, но и специфичностите на градовите во кои опстојуваат, вклучувајќи го социјалниот студентски живот и, најважно, животните трошоци. Важен дел од презентациите на 5те Универзитети беше посветен и на можностите за истражување и академски соработки.
Освен University of Western Macedonia со седиште во Козани, претставен од Проректорката за административни работи професор Ана Спирту, а презентиран од директорката за меѓународни соработки Христина Петалоти, присутен беше и University of Ioannina, со седиште во Јанина, претставен во целост од Ректорот на Универзитетот професор Триантафилос Албанис. На наша особена чест, директорката за образование на најстариот грчки универзитет National and Kapodistrian University of Athens, г-ѓа Евпраксиа Папанастасиу го претстави универзитетот основан во 1837 година, а кој според светските ранг листи е најдобриот универзитет во Грција и еден од најдобрите на светско ниво. Исто така, беше претставен и University of Macedonia, сместен во Солун, кој претставува чест избор за студирање на наши сограѓани, за кој презентацијата ја подготви професорката Ставрула Маврогени. За крај, беше претставен и University of Crete од страна на проректорот за административни работи и грижа за студенти професорот Димитрис Милонакис кој се наоѓа на островот Крит и со својата инфраструктура и местоположба, како и студиски програми, ги сплотува сите позитивни особености на Средоземјето.
Особен интерес кај публиката која го следеше настанот предизвика информацијата, споделена од сите претставници на овие високообразовни институции, дека додипломските студии на сите државни универзитети со студиски програми на грчки јазик, се бесплатни.
На наше големо задоволство и во позитивен одговор на нашата покана, настанот беше почестен со присуството на професорот Јанис Хрисулакис, Државен Секретар за Јавна Дипломатија при Министерството за Надворешни Работи на Република Грција, Шефот на канцеларијата за Јавна Дипломатија на Амбасадата на Република Грција во Република Северна Македонија, со седиште во Скопје Константинос Прокакис и Конзулот на Генералниот Конзулат на Грција во Битола Ахилеас Ракинас. Високите гости ја истакнаа и важноста на овој настан и перспективите кои истиот ги отвара, но и за можноста за доделување на стипендии.
Свое обраќање имаше и професорот Христос Михалакелис, Одговорен на Порталот за Меѓународни Студии „Study in Greece“, со кого е планирана идна соработка која произлегува од овој настан.
Настанот беше заокружен со обраќањето на професорката Елени Грива, директорка на Институтот за Грчки Јазик при Истражувачкиот центар „ТЕМЕНОС“, која зборуваше за нашата долгогодишна соработка и важноста на ваквите соработки за подобра комуникација помеѓу академскиот свет од двете земји.
Координатор на настанот беше професорот по грчка филологија и одговорен на Испитниот центар за сертифицирање на познавањето на грчкиот јазик за Република Северна Македонија, Кристијан Велјанов.
Особено голем придонес за реализацијата на овој настан дадоа волонтерите и членови на Здружението „Пелагонија“:
Анастасија Бабовска Баба
Дамјан Козаров
Елени Чаламани
Марија Василевска
Маријана Дули Велјанова
Милчо Дули
Рула Чаламани
Симона Калица