Летен камп 2022

Во периодот од 21 Јуни 2022 до 1ви Јули 2022 година, Здружението Пелагонија, како и многу години досега, после три пандемиски лета, беше дел од кампот T.Y.П.E.T, во Сани, Република Грција. Дваесет деца, наши ученици на возраст од 8 до 14 години, беа дел од активностите, игрите и дружењето во кампот T.Y.P.E.T..

Во кампот, покрај нивната наставничка Марија Василевска, за исполнување на времето со квалитетни содржини се погрижија обучени учители, а за безбедноста при нивното пливање во базените и морето, се грижеа спасувачи и водичи кои беа дел од тимот на кампот.

Деновите беа исполнети со многу активности, соодветни за секој дел од денот. Пливање во базен, играњето тенис, кошарка, одбојка, цртање и изработување на различни уметнички дела, одење на плажа и игри на плажа, се само дел од богатата програма која главна цел има да ја развие и подобри социјализацијата кај децата.

На овој аспект од детското секојдневие беше ставен особен акцент годинава, со оглед на изминатите речиси три пандемиски години во кои голем дел од луѓето, особено децата, ја немаа можноста за нормален развој на комуникациските вештини.

Различните вечерни игри, барање на богатство,раскажување приказни од митологијата, допринесоа за збогатување и на знаењата во одредени области, а организирањето на талент шоу им даде простор на учениците за истакнување на нивните особени дарби и креативен дух.

Со завршувањето на кампот, се родија нови и поздрави другарства помеѓу камперите. Децата се вратија дома со многу позитивни спомени, енергија и желба за повторно заедничко патување.

mk_MK