Работилница за книжевно образование

Во рамките на Меморандумот за соработка помеѓу Здружение Пелагонија Битола и Универзитетот на Западна Македонија, на 12 Јуни 2023 година, Понеделник, во соработка со професорката Ана Вакали од Факултетот за Општествени и Хуманистички науки од Флорина беше реализирана работилница за книжевно образование, која истовремено претставува завршна наставна активност за учебната 2022/2023 година.

Првиот простор во кој им беше приредено добредојде на учениците, беше универзитетската библиотека. Во неа беа забележани сличностите со нивните училишни библиотеки и беше претставен начинот на кој се организираат книгите во различните делови на библиотеката. Од таму, прошетката продожи во читалната на факултетот, каде што, дискретно, беше проследен процесот на посветено учење од присутните студенти.

Во првиот дел од посетата, нашите најмлади ученици имаа можност да ја посетат Работилницата за книжевно образование „Вивлиологион“ на Факултетот за Општествени и Хуманистички Науки при Универзитетот на Западна Македонија, чиј директор е Професорот по креативно пишување и новогрчка литература, проф. Триантафилос И. Котопулос. Конкретно, за почеток беше посетена традиционална печатница на универзитетот, во која се изработуваат печатени работи во ограничен тираж, со употреба на методи и алатки за печатење карактеристични за периодот на 19 век. Покрај набљудувањето на самата работа на печатницата, некои од учениците се охрабрија да учествуваат и во процесот на печатење.

Тоа придонесе да дојдат во директен допир со едни од најстарите печатарски машини, дел од кои потекнуваат од 1800 и 1870 година. Учениците по грчки јазик, следејќи ги упатствата на еден од последните мајстори на овој занает, господинот Григорис Алексиу, изработија заедничка припрема на леток посветен на денешната посета, кој беше испечатен во мал број примероци, по еден за секој од посетителите, а го понесоа како вреден сувенир од денешната посета.

Во продолжение на посетата, следеше интерактивен час во делот за издаваштво под менторство на професорката Ефи Папагеоргиу. На овој невообичаен час, беа претставени сите видови на книги кои ги запознало човештвото од појавата на писменоста до денес.

Децата имаа можност да ги разгледаат, но и да интервенираат во креирањето на глинени таблици, дрвени таблици прекриени со гипс, восочни таблици, бакарни плочи, свитоци, мермерни плочи и ред други материјали, но и видови на писмо досега познати на човештвото низ изминатите милениуми.

Како завршен дел од оваа работилница, детално беше претставен процесот на организирање на печатените лисја, врзување во снопови, лепење, укоричување, избор на обвивка и корица и сите останати детали при изработката и издавањето на книга, при што активно учество зедоа и учениците во сите фази од изработката на една книга.

Искрено се надеваме дека оваа работилница ќе ја поттикне љубовта кон печатената книга кај нашата најмлада публика.

На крајот од посетата на нашиот соседен град, под покровителство на Градоначалникот на Општина Флорина, г. Василис Јанакис, беше организиран ручек за организаторите и учесниците на оваа работилница.

Учениците беа придружувани од претседателот на Здружението Пелагонија г. Евгеније Ристевски, нивната наставничка Марија Василевска и професорот Кристијан Велјанов.

mk_MK